05.01.2012
Улица
42, Струмица, Македонија

Чекорат по улица, заедно, а секој е во некој свој свет. Разговараат за сенешто, како безброј пати претходно, сепак, нешто е различно. На нејзиното лице се раѓа топлина што никогаш не испливала на површината.

-Тие што сега останаа неми, го загубија правото некогаш да го кренат гласот - одненадеж ѝ вели тој.

-Тие што севезден ја веднат главата за никој да не може да им го види лицето никогаш не ќе имаат глас - му враќа таа и разлева радост по усните, каква што тој никогаш не беше видел.

* * * *

Чекори по улицата. Права е, преполна со статисти и неподносливо здодевна. Ита некаде и попатно ги поттурнува сите оние безживотни тела што и натаму дишат. Тој е бескрајно сам среде толпите.

За момент заборава каде оди, секојпат, на она место каде што улицата тивко бидува гушната од куќите наоколу, толку силно што во таа точка, во таа мала воздишка од бескрајот, сосема го губи здивот и веќе не се распознава.

Продолжува да чекори штом ќе се сети на насмевката што знае оти ќе ја здогледа.

* * * *

Седат на маса. Зборуваат неуморно додека време-просторот безмилосно им се искрадува низ прсти. Тој седи спроти оградата што се испречува помеѓу нив и изнемоштените силуети што ги параат сенките. На неговата страна е бескрајно светло. Загледан е во приказната што само бара зборови кои ќе ги распостели и врз нив ќе се вдоми. Попатно, погледот му се залепува на студеното железо и не може а да не се запраша дали решетките постојат за некој да не може да влезе или пак за тие двајца никогаш да не можат да излезат?

* * * *
-Доволен ми е еден стих од песна и засекогаш ќе го засакам пејачот. Доволна ми е една насмевка за да не престанам да мислам на тебе - ѝ вели.

-И јас те сакам - му враќа.

-Доволна ми е твојата прегратка за да оптегнам насмевка на лицето - ѝ вели.

- Веќе ти реков дека те сакам....

Нивните осамени сенки трчаат по улицата гушната од трошните куќички.

3 views
 
Коментари

There are no comments yet.
Leave your comment, start the discussion!

Blog
Blogs are being updated every 5 minutes